Top Sport

Флорентино Перез: Потребна ни е Суперлигата, апсурден е новиот формат на ЛШ

Претседателот на Реал Мадрид и најмоќниот човек во шпанскиот фудбал Флорентино Перез, во својот говор, одржан на годишното Собрание на клубот, упати остри критики до УЕФА. Меѓу другото, рече дека новиот формат на Лигата на шампионите е апсурден и ќе ги отуѓи навивачите од фудбалот.

Првиот човек на Реал изјави дека европскиот фудбал е во голема криза и дека е потребно итно да се реагира за да не исчезне фудбалот каков што го знаеме.

Перез смета дека тој и неговиот клуб ќе бидат лидери на промените, во како што ја нарече, кризна ситуација.

„Реал Мадрид има одговорност за европскиот фудбал. На Реал ќе му беше многу полесно да не го водеше овој проект (Суперлига), кој не е популарен, но драги партнери, тоа го бара историјата од нас. Имаме обврска да им го понудиме на навивачите најдоброто можно шоу. Исто така, сакаме да го поевтиниме пристапот до фудбалот на телевизија, каде што се нуди денешниот сè полош спектакл. Нема смисла пристапот до гледање натпревари на ТВ да чини 10% од минималната плата. Суперлигата е создадена за да ги реши сите овие проблеми. Ќе продолжам да верувам во правдата на Европската унија бидејќи УЕФА нема право на монопол во фудбалот и европските слободи“, упати остра порака Перес и воедно најави борба до крај за Суперлигата на најсилните европски клубови.

Тој исто така го криткува новиот формат на Лигата на шампионите во кој од следната сезона наместо досегашните 32 ќе учествуваат 36 клуба.

„Новиот формат е необичен и апсурден проект. Ваквиот модел само дополнително ќе ги оддалечи фановите од фудбалот, особено најмладите. Новиот формат најмногу им одговара на оние чии извори на приходи зависат од него. Тоа е систем кој е во интересот на менаџерот и не ги земаа во предвид потребите на играчите и навивачите. Така ќе згасне европскиот фудбал, нема иновација, не се свесни за растот на другите спортови“.

Перес вели дека фудбалот како спорт ја доживува најголемата криза.

„Фудбалот трпи невидена институционална криза. Ситуацијата е многу сериозна. Или ќе реагираме сега или фудбалот нема да опстане. Најголемиот проблем е што има луѓе кои го водат фудбалот и не мислат на навивачите. Европскиот фудбал не му припаѓа на претседателот на УЕФА и шпанскиот фудбал не и припаѓа на Ла Лига. Супер лигата му е потребна на фудбалот сега повеќе од кога било. Целта е да се понуди најдобар фудбал и клубовите се тие кои треба да ја контролираат сопствената судбина. Клубовите секоја година губат милиони без разлика колку пари имаат нивните сопственици. Барам и воведување на нови прописи за фер-плеј, кои некои клубови не ги почитуваат и никој не ги казнува поради тоа. Ситуацијата не е стабилна, ниту може да биде. Не обвинуваат дека сакаме да го напуштиме националното првенство, тоа е голема лага“.

Scroll to Top