Top Sport

Поранешен играч на Арсенал и Барселона замина во пензија

Камерунскиот дефанзивен играч за врска Алекс Сонг со објава на социјалните мрежи објави крај на својата кариера. Триесет и шестгодишникот најмногу се памети по игрите во Барселона и Арсенал, а последен клуб за кој настапуваше е Арта од африканската земја Џибути.

„Со голема тага морам да кажам дека дојде моментот да заминам во пензија. Моето патување започна во Јаунде. Играв без копачки, бос и на тврда подлога. Ова ми даде сила и храброст да успеам. Кога отидов во Франција, Бастија ми изгледаше како чудо. Сепак, тоа беше само почеток на патувањето до Арсенал и Барселона, двата најголеми клубови во светот. Многу луѓе ми помогнаа и јас им благодарам на сите што ми помогнаа. Еден е Сонг“, им порача тој на своите фанови.

Во Арсенал пристигна од француска Бастија во 2005 година по желба на легендарниот Арсен Венгер. Во првата сезона тој беше ротационен играч во тимот кој стигна до финалето на Лигата на шампионите, но таму беше поразен од Барселона предводена од Роналдињо.

По Арсенал, тој се пресели во Барселона, каде што најмногу беше играч од клупата, а во остатокот од кариерата играше за Вест Хем, Рубин Казан, Сион и споменатата Арта. За репрезентацијата на Камерун одигра 49 натпревари.

Scroll to Top