Top Sport

Синер го победи Руне и го однесе Ѓоковиќ во полуфинале

Последниот меч во Зелената група на Завршниот мастерс во Торино ја реши судбината на Новак Ѓоковиќ. Јаник Синер го победи Холгер Руне и му обезбеди на светскиот број 1 место во полуфиналето.

Фантастичен меч, кој траеше нешто повеќе од два часа и 30 минути одиграа идните големи ѕвезди на светскиот тенис.

Синер, во групата ги забележа сите три победи, во последното коло славеше над Руне со 6:2, 5:7, 6:4.

Првиот сет мина во целосна доминација на италијанскиот тенисер, кој с дупли брејк експресно дојде во предност од 4:0, а нешто подоцна и го освои сетот.

Драмата започна од вториот сет, кој донесе голема борба, извонреден тенис и неколку брилијантни поени. Синер имаше една брејк топка која не ја искористи, за разлика од Руне кој брејкот го направи во 11. гем кога ја искористи третата топка за брејк. Подоцна без загубен поен го освои својот сервис гем и изедначи на 1:1.

Во решавачкиот сет, Синер константно притискаше, не ги користеше брејк шансите, но Руне тоа не успеа да го казни во осмиот гем. Веќе во наредниот Синер имаше три врзани брејк топки, ја искористи третата, а потоа со мали проблеми го освои и својот сервис гем за конечен триумф.

Во петок на програмата се мечевите од последното коло во Црвената група Зверев-Рубљов и Медведев-Алкараз.

Scroll to Top