Јужноафриканскиот параолимпиец, Оскар Писториус би можел да биде пуштен на условна слобода откако помина речиси 10 години во затвор за убиство на својата девојка.
На 14 февруари 2013 година, во неговиот дом во Преторија, Писториус ја застрела својата девојка Рива Стенкамп преку затворена врата од бањата. Пред судот се бранеше дека не знаел дека тоа е неговата девојка туку мислел дека во куќата влегол крадец.
Обвинителите тврдеа дека 29-годишната манекенка и реалити ѕвезда по расправија втрчала во бањата, а Писториус ја убил во напад на бес.
Тој првично беше осуден за убиство од небрежност и доби петгодишна затворска казна, но подоцна Апелациониот суд ја укина пресудата и го осуди за убиство.
Јужноафриканецот првично беше осуден на шест години затвор, но по жалба на обвинителството беше осуден на затворска казна од 13 години и пет месеци.
Писториус испукал четири куршуми во Стинкамп, а како отежителна околност судот наведе дека параолимпиецот не испукал предупредувачки истрел.
Тешките престапници во Јужна Африка мора да отслужат најмалку половина од казната за да добијат право на условно ослободување, што го направи 37-годишниот Писториус.
„Сè што можам да кажам е дека сите програми од неговиот поправен план се спроведени. Сега сè зависи од Одборот за условно ослободување“, рече портпаролот на одделот Сингабахо Ензумало.
Писториус е шесткратен освојувач на златен медал на Параолимписките игри, а влезе во историјата како првиот спортист на кој му се ампутирани двете нозе, кој учествувал на Олимписките игри. Тој трчаше на Игрите во Лондон во 2012 година користејќи протези од јаглеродни влакна.
Во случај Одборот да му одобри условно ослободување, може да се случи Писториус да не биде веднаш ослободен, туку да биде одреден датум за ослободување. Доколку биде ослободен, Писториус се очекува да живее во луксузниот дом на неговиот вујко во богатото предградие на Преторија, каде што престојувал за време на судењето за убиство.