Во сабота од 20:45 часот Милан и Фиорентина го играат натпреварот од 13. коло во Серија А. Милан во првиот тим на тој натпревар го додаде Франческо Камарда (15).
Станува збор за напаѓач од јуниорскиот тим на Милан, кој ќе биде резервна опција за тренерот Стефано Пиоли поради проблемите со повредите на Рафаел Леао и Ноа Окафор, додека Оливие Жиру е суспендиран поради жолти картони.
Доколку Камарда заигра против Фиорентина, со 15 години, осум месеци и 15 дена ќе стане најмладиот дебитант во историјата на италијанскиот шампионат.
Моменталниот рекордер е Виздом Ејми. Стоперот на Болоња играше во 2021 година под водство на починатиот тренер Синиша Михајловиќ на 15 години, девет месеци и еден ден.
„Талентот не познава години. Тој ќе биде подготвен ако ни треба“, изјави Пиоли за Камарда.
Со оглед на тоа дека има само 15 години, Милан мораше да побара дозвола од регионалниот фудбалски сојуз на Ломбардија за настапот на Камарда. Камарда оваа сезона постигна седум гола на 13 настапи за јуниорскиот тим на Милан.