Фудбалскиот клуб Манчестер јунајтед не планира на крајот на сезоната да го откупи договорот на мароканскиот репрезентативец Софијан Амрабат, пренесува британски Мирор.
Амрабат (27) пристигна во Манчестер јунајтед од Фиорентина на позајмица до крајот на сезоната.
Тој беше претставен како големо засилување на англискиот клуб, а Манчестер јунајтед за неговата позајмица плати околу 10 милиони евра.
На крајот од сезоната Манчестер јунајтед може да го откупи договорот на мароканскиот репрезентативец за 24 милиони евра.
Британските медиуми пренесуваат дека Амрабат не успеал да ги убеди челниците на клубот од „Олд Трафорд“ дека заслужува место во стартниот тим.
Амрабат одигра 12 натпревари за Манчестер Јунајтед оваа сезона.