Џуд Белингем продолжува да импресионира во Реал Мадрид. Младиот Англичанец на 16 натпревари оваа сезона постигна 15 гола и забележа четири асистенции.
Легендарните фудбалери на Реал ја коментираа неговата одлична форма. Предраг Мијатовиќ, Камачо и Гути, во разговор за англиското издание на „АС“, не штедеа комплименти за да ја опишат играта на Белингем.
„Неговиот начин на адаптација, игра и поврзување со соиграчите е фантастичен. Успеа да се поврзе со Реал од првата минута, што ми кажува дека е многу интелигентен и дека е предодреден да биде играч на Реал. Сè уште не можам да верувам дека сето ова се случува. Поминаа само два месеци и тој веќе игра и се однесува како ветеран. Како да е тука 10 години. Тие што играа во тој клуб знаат дека е многу комплицирано и многу тешко. Тоа ми кажува многу за него, но она што најмногу ме фасцинира, освен головите и играта, е неговото однесување и поврзаноста со клубот. Никој не успеа да го направи тоа толку брзо како тој“, изјави Предраг Мијатовиќ.
Камачо му предвидува голема иднина.
„Сега тој е врвен играч. Мислам дека му недостигаше да дојде во Реал Мадрид за да го достигне ова ниво. Тоа се гледа по игрите за Реал и Англија. Пред него има уште многу години. Тој е модерен играч и секој тим би го посакал. Ова е само почеток и се надевам дека ќе има трпение и среќа во кариерата. Ако во одреден момент стане број еден, тоа ќе има големо влијание врз Реал Мадрид. Му предвидувам голема иднина“.
Свое мислење даде и Гути.
„Тој е најкомплетниот играч за врска во модерниот фудбал. Тој е моќен, добро влегува од втор план, а згора на тоа и постигнува многу голови. Неговата игра, харизма и начинот на кој го освои „Бернабеу“, го промовираат како лидер на соблекувалната. Накратко, ова е големо засилување што го донесе Флорентино. Ова е играч кој уште од самиот почеток знаеше дека сака да дојде во Реал и тоа му беше единствената цел. Тоа го направи популарен и кај фановите, а тој ужива. Го живее сонот во Реал. Кога сето тоа ќе се собере, тогаш ги имаме сите предиспозиции тој да стане играч кој ќе одбележи една ера“. заврши Гути.