Top Sport

Кошаркарите на Монако гневни по поразот од Партизан: Игравме против осуммина

Кошаркарите на Монако, синоќа во Белград, доживеаја пораз од Партизан. Натпрварот беше решен по едно продолжение, Партизан победи 89:85.

Тренерот на Монако, Саша Обрадовиќ, по мечот му честиташе на својот постар сонародник Жељко Обрадовиќ, со напомена дека „некои ситуации заслужуваат коментар повеќе“. За разлика од тренерот кошаркарите на клубот од „малото кнежевство“, прстот го вперија кон судиите.

„Што да кажам, се е кажано. Не знам, ова е срам за Евролигата. Ова што се случува сега е срам за Евролигата. Никогаш во кариерата не сум зборувал за судии и лоши одлуки. Но овде се редеа лошите одлуки една по друга. Знаете… Имавме натпревар дома и беше слична ситуација. и пријавивме осум ситуации. Се прашувам каков ќе биде извештајот сега. Ова е срам за натпреварувањето“, изјави по натпреварот најефикасниот играч на Монако, Донатас Мотејунас.

За разлика од литванскиот центар, останатите играчи на Монако, не зборуваа пред камерите, туку се огласија на социјалните мрежи.

„Не можете да победите кога играте пет против осум“, напиша крилниот играч Алфа Диало.

Џон Браун во својот пост побара „некој да истражи што се случило“.

Џером Блосонгејм имаше сличен коментар:

„Нешто мора да се превземе…Ова е срамно!“, а со него се согласил и Метју Стразел.

Интересно, најактивниот на социјалната мрежа „Х“, Мајк Џејмс, не се огласи по мечот во Белград.

Scroll to Top