Менаџерот на Манчестер сити, Пеп Гвардиола и легендата на Ливерпул, Џејми Карагер, деновиве војуваат со зборови.
Сити има серија од три нерешени резултати, во неделата одиграа 3:3 со Тотенхем. По натпреварот, аналитичарите на „Скај спортс“ Џејми Карагер, Гери Невил и Мика Ричардс рекоа дека „граѓаните“ тешко ќе ја освојат четвртата последователна титула.
Гвардиола на прес-конференцијата во вторникот им одговори дека неговиот тим ќе успее во она што никој досега не го направил, да освои четири последователни титули.
„Тие знаат колку е тешко тоа. Или подобро кажано, невозможно, бидејќи никогаш не се случило. Невил не успеа иако играше за најсилниот Манчестер јунајтед. Мика Ричардс ја освои титулата во Сити, но секако не четири пати по ред. А потоа Џејми Карагер… Коментира дека киксираме, а во неговиот долг мандат во Ливерпул, тој никогаш не успеа да биде шампион на Англија“, изјави Гвардиола.
Карагер веднаш реагираше, се огласи на социјалната мрежа „X“ и предизвика нова лавина од коментари.
„Мислам дека би имал барем една шампионска титула доколку Ливерпул беше во државна сопственост и ако функционираше на таков начин, Премиер лигата да има покренато 115 пријави против нас. Само да додадам: Го пофалив тимот на Пеп по натпреварот со Тотенхем“, напиша Карагер.
I think I’d have probably won one if Liverpool were owned by a nation state, and pushed the rules so far that the PL charged us 115 times!!
I was actually praising Pep’s team after the game on Sunday 🤷♂️😂 https://t.co/EIW3B1AJve
— Jamie Carragher (@Carra23) December 5, 2023