Фудбалерите на Астон Вила го победија Арсенал со 1:0 (1:0) во 16. коло од Премиер лигата.
Тимот од Бирмингем по победата против Манчестер Сити на домашен терен во средата, вечерва успеа да му го земе скалпот и на Арсенал и по 16. коло има 35 бода, еден помалку од „топџиите“ и два од лидерот Ливерпул.
Голот за победа и три бода го постигна Мекгин во седмата минута од натпреварот.
Арсенал по примениот гол започна со напади кон Мартинез и неговиоте фудбалери пропуштија три одлични шанси за израмнување на крајот од првото полувреме. Најпрвин во 34. минута, кога Одегард шутираше далеку од голот, две минути подоцна беше изблокиран обидот на Мартинели, а во 39. минута Одегард повторно се обиде, но Мартинез одбрани.
Во 47. минута Жесус падна во противничкиот шеснаесетник, но недоволно за судијата да означи пенал.
Десет минути подоцна Сака од добра позиција шутираше над голот, а во 62. минута Сака погоди, но голот беше поништен поради офсајд. Сето тоа можеше да го казни Оли Воткинс, но Раја го одбрани ударот.
Драмата кулминираше во 90. минута, Хаверц се најде во противничкиот шеснаесетник, постигна гол, но веднаш беше поништен, со оглед на тоа што Германецот претходно играше со рака. ВАР потота ја потврди одлуката.