Top Sport

Покетино разочаран од поразот кај Евертон, побара клубот да купи нови играчи

Менаџерот на Челзи, Маурисио Покетино, најави дека од клупските челници ќе побара засилувања во претстојниот јануарски преоден рок, пренесува Би-би-си.

Челзи беше поразен од Евертон со 2:0 на гостински терен во 16. коло од Премиер лигата. По овој пораз, „сините“ се 12. на табелата со 19 бодови.

„Фудбалот се игра за голови, а ние не успеавме да постигнеме гол. Навистина сум разочаран. Мислам дека заслуживме барем бод. Бевме подобри, но не го добивме заслуженото“, изјави Покетино и продолжи:

„Мораме да бидеме реални. Ќе мора да се обидеме да се засилиме во следниот преоден рок. Нашата реалност сега е средината на табелата. Ако сакаме да одиме кон врвот на табелата, ќе мора да се засилиме. Ќе видиме што можеме да направиме кога ќе се отвори пазарот во јануари“.

Голманот на Челзи, Роберт Санчез се повреди на натпреварот против Евертон. Него на крајот од мечот го замени српскиот голман Ѓорѓе Петровиќ.

„Почувствува болка во тетивата. Не би било добро да заработи уште една повреда, тој е важен играч за нас“, изјави Покетино.

Челзи во следното коло од Премиер лигата ќе го пречека Шефилд јунајтед.

Scroll to Top