Натпреварите од грчкиот фудбалски шампионат ќе се играат без публика до 12 февруари со цел да се запре насилството што го придружува грчкиот фудбал, соопшти денеска грчката влада.
„Сите натпревари од грчкото првенство ќе се играат зад затворени врати во следните два месеци, односно до 12 февруари“, изјави владиниот портпарол Павлос Маринакис.
Одлуката е донесена по најновото насилство и судири меѓу навивачите и полицијата на одбојкарски натпревар во Атина. Во таа прилика полицаецот е тешко повреден и се уште е во кома.
Грчките хулигани често користат натпреварите во „помалите спортови“ за да се пресметаат меѓу себе, поради помалиот број полицајци кои ги обезбедуваат ваквите натпревари.