Top Sport

Саудијците подготвуваат нов напад на трансфер пазарот

Саудиската професионална лига во текот на летото стана побогата за бројни светски ѕвезди, а во летниот преоден рок од оваа земја подготвуваат нова инвазија на фудбалскиот пазар.

Според британски „Телеграф“, раководството на саудиската професионална лига планира да ја зголеми границата за странски играчи на десет.

Тие сметаат дека зголемувањето на лимитот за странски фудбалери ќе го подобри имиџот на натпреварувањето и ќе му даде на саудиското првенство поголема моќ на светскиот пазар.

Во моментов клубовите од Саудиска Арабија можат да имаат осум фудбалери од странство.

Во јануари 2023 година, португалскиот репрезентативец Кристијано Роналдо се пресели во Ал-Наср и ја отвори вратата за пристигнувањето на бројни светски ѕвезди во таа арапска земја. Веќе во летниот преоден рок, тамошните клубови потрошија вкупно речиси една милијарда евра за ангажирање нови играчи.

Меѓу играчите кои дојдоа во Саудиска Арабија се Ријад Марез, Карим Бензема, Александар Митровиќ, Сергеј Милинковиќ-Савиќ, Малком, Нејмар, Едуард Менди, Фабињо, Садио Мане, Ајмерик Лапорт, Марцело Брозовиќ, Алекс Телес, Јаник Караско, Калиду Кулибали, Рубен Невес, Џордан Хендерсон, Џорџињо Вајналдум…

Scroll to Top