Top Sport

Стартува ЕП во ватерполо

Вечерва во Загреб и Дубровник ќе започне Европското првенство во ватерполо. Континеталниот шампионат ќе заврши на 16 јануари кога ќе биде познат новиот шампион и еден патник на Олимписките игри во Париз.

Хрватска во ноември минатата година ја доби организацијата на Европското првенство откако Израел остана без домаќинството поради воените конфликти меѓу Израел и Палестина.

Хрватите втора година по ред ќе бидат домаќини и ќе се обидат да ја одбраната титулата освоена во 2022 година.

Првенството во Загреб и Дубровник се игра во различен формат од претходно, со четири групи во две дивизии, кои беа формирани врз основа на резултатите од претходното ЕП.

Осумте најдобри екипи ја формираат дивизијата 1, а другите осум се во дивизијата 2.

Двете најдобри екипи од секоја група во првата дивизија ќе се пласираат директно во четвртфиналето. Преостанатите две екипи од посилната дивизија во плеј-офот ќе се сретнат со двете најдобри селекции од дивизијата 2.

Шеснаесет селекции ќе се борат за европското злато, но и за една олимписка виза. Во случај шампион да биде Унгарија, Грција или Франција, кои веќе имаат обезбедено место, следната најдобро пласирана репрезентација ќе оди во Париз.

Исто така ова ЕП ќе ги даде и последните учесници на Светското првенство кое во Доха ќе се игра од 2 до 18 февруари.

Прва дивизија:

Група А: Хрватска, Шпанија, Франција, Црна Гора
Група Б: Унгарија, Грција, Италија, Грузија

Втора дивизија:

Група Ц: Србија, Израел, Германија, Малта
Група Д: Словачка, Холандија, Словенија и Романија

Вечерва од 17 часот ќе се одиграат дуелите Црна Гора-Франција и Грузија Италија, од 19 ќе започне натпреварот Унгарија-Грција, а во 20:15 часот Хрватска ќе игра против Шпанија.

Scroll to Top