Top Sport

Ѓоковиќ: Пред Прижмиќ е голема кариера, се надевам дека некогаш ќе ме покани во неговиот бокс

Новак Ѓоковиќ мина низ пекол во првото коло на Австралија опен. Десеткратниот победник на овој турнир, мина четири часа на теренот и во четири сета го победи 178. на АТП листата, тинејџерот од Хрватска, Дино Прижмиќ.

Првиот светски рекет го одигра најдолгиот меч во кариерата, кога станува збор за прво коло на некој грен слем. По мечот испрати низа комплименти за играта на 18-годишниот Прижмиќ.

„Го заслужи секој поздрав, аплауз што ги доби вечерва. Неверојатен играч, во оваа фаза од кариерата, тој е толку зрел за своите години. Ова е негов момент. Можеше и тој да победи, одигра одлично. Тој покажа голем менталитет и упорност. И во третиот и четвртиот сет кој ги загуби. Ме натера да трчам многу. Многу работи ми се вртеа низ главата. Ги конструираше поените, од моментот кога стапна на теренот ги користеше своите шанси. Ми се допадна како го користеше секој инч од теренот. Се бранеше неверојатно, со оглед на тоа дека има 18 години и никогаш не играл на толку голема сцена. Сакам да бидам во неговиот бокс, се надевам дека ќе ме покани, бидејќи знам дека ќе направи големи работи во кариерата“, изјави Ѓоковиќ.

По завршувањето на мечот, Ѓоковиќ уште еднаш покажа дека е голем спортсмен, стана од столчето и ја повика публиката уште еднаш да го поздрави хрватскиот тинејџер.

Scroll to Top