Кристијан Ериксен (31) има договор со Манчестер јунајтед до 2025 година, но соработката ќе заврши на обострано задоволство една сезона порано.
Според медиумите на островот, Данецот решил во летниот преоден рок да го напушти клубот. Јуанјтед нема ништо против тој да замине бидејќи според проценките повеќе не може да придонесе за успехот на тимот.
Кога направи спектакуларен кам-бек во дресот на Брентфорд откако доживеа срцев удар на отворањето на Европското првенство во 2021 година, Јунајтед реши да го ангажира фудбалерот со пејсмејкер, кој одби да ги прифати лекарските совети да ја заврши кариерата.
Во првата сезона, 2022/23, Данецот навистина наликуваше на фудбалерот кој му недостигаше на славниот клуб сите овие години во обид да дојде до некогашните успеси.
До дербито со Арсенал одиграно на 22 јануари минатата година кога доживеа незгодно истегнување на скочниот зглоб, Ериксен правеше разлика на теренот. Својата прва сезона во дресот на „црвените ѓаволи“ собра осум асистенции.