Британскиот тенисер Енди Мареј зјави дека најверојатно на крајот на летото ќе ја заврши кариерата.
„Веројатно нема да играм по ова лето“, изјави 36-годишниот Мареј.
Ова трикратниот грен слем шампион го изјави по поразот во второто коло (2:6, 4:6) од петтиот носител на турнирот во Дубаи, Французин Уго Ембер.
По победата во првото коло против Канаѓанецот Денис Шаповалов во три сета, која беше 500-та за него на тврда подлога, Мареј навести дека „влегува во последните неколку месеци од кариерата“.
„По секој меч ми го поставуваат ова прашање. Уморен сум од тоа прашање, да бидам искрен. Нема да зборувам повеќе за тоа додека не дојде време да ја завршам кариерата. Но, да, не планирам да играм долго по летото“, изјави Мареј.
Тој претходно изјави за Би-би-си дека планира да игра на Олимпијадата во Париз од 26 јули до 11 август.