Позната е половина од американската кошаркарска репрезентација за Олимпијадата во Париз. Секако, условот е сите да бидат здрави и подготвени пред поаѓање на најголемата светска спортска смотра.
Како што објави познатиот НБА инсајдер Шамс Чаранија, кој пишува за Атлетик, бекот на Бостон Селтикс Џру Холидеј е шестиот сигурен патник за Париз.
Холидеј претходните денови разговарал со луѓе од Кошаркарскиот сојуз на САД и потврдил дека оди на Олимписките игри каде ќе го брани златото освоено во Токио во 2021 година. Тогаш американските аналитичари оценија дека бекот на Бостон бил најважниот играч на тимот по Кевин Дурент.
Едноставно, во тим полн со ѕвезди, каде секој има по 40 поени во рацете, некој треба да ја води одбраната, а Холидеј важи за еден од најдобрите дефанзивци во лигата. Три пати беше избран во најдобрата дефанзивна петорка на НБА, а двапати во втората петорка.
Со Холидеј во националниот тим, Американците сметаат дека половина од патниците сега се познати. Покрај дефанзивецот на Бостон, како сигурни се сметаат и Леброн Џејмс, Кевин Дурент, Стеф Кари, Џејсон Тејтум и Џоел Ембиид, кој треба да дебитира за репрезентацијата на САД во Париз.