Фудбалерот на Рома, Еван Ндика ја напушти болницата во Удине, откако колабираше на теренот за време на натпреварот помеѓу двата клуба, соопшти Рома.
Ндика падна на теренот во 72.минута од натпреварот Удинезе-Рома. По укажаната лекарска помош на теренот бил пренесен во болница.
„Првото и второто ниво на кардиолошки прегледи не открија срцева патологија. Нови прегледи ќе бидат извршени во Рим“, се вели во соопштението на Рома.
По дискусија меѓу тренерите на двата тима и судиите, беше одлучено натпреварот да се прекине, бидејќи играчите на Рома не можеа да го продолжат натпреварот.
Натпреварот беше прекинат на 1:1, а таа одлука беше дочекана со аплауз од навивачите на стадионот.
Италијанската лига до крајот на неделата ќе го објави дали натпреварот ќе продолжи од 72.минута или ќе се игра нов.
Ндика пристигна во Рома минатото лето, по пет сезони поминати во Ајнтрахт Франкфурт.