УЕФА потврдила дека повторно ќе ја отвори истрага против францускиот шампион ПСЖ, а која се однесува на кршење на правилата пропишани со финансискиот фер-плеј. УЕФА водеше истрага против ПСЖ, меѓутоа таа во јуни оваа година беше затворена бидејќи било утврдено дека клубот не ги прекршил правилата.
Два месеци подоцна УЕФА, објави дека ќе им на наложи на своите служби што ги проверуваат финансиските злоупотреби, повторно да го „отворат случајот ПСЖ“, објави британскиот „Скај“.
Целата приказна околу кршењето на финансиските прописи од страна на ПСЖ, започна во септември 2017 година, кога УЕФА, притисната од неколку европски фудбалски гиганти, започна да истражува на кој начин функционира клубот чии сопственици се од Катар.
Клубот претходно за рекордна сума (222 милиони евра) го донесе Нејмар од Бзрселона, а веднаш потоа во клубот пистигна и тинејџерската ѕвезда Килијан Мбапе од Монако. ПСЖ го донесе Мбапе на позајмица, со обврска по една сезона да плати 185 милиони евра за неговиот трансфер.
Правилата на УЕФА се јасни, клубовите не смеат да потрошат повеќе од она што ќе го заработат во една сезона, а евентуалниот дефицит не смее да биде поголем од 30 милиони евра вом рок од три сезони.
Според изворот што ја објави информацијата, „случајот ПСЖ“ е премногу комплициран, бидејќи клубот од француската престолнина, има богати спонзорски договори со националната банка на Катар и туристичката организација на оваа земја.
„Доколку на крајот се утврди дека има вина кај ПСЖ, односно дека клубот ги кршел прописите од финансискиот фер-плеј, тогаш клубот би можел да биде исфрлен од европските натпреварувања на една или повеќе сезони“, заклучува „Скај“.