Италијанецот Антонио Џовинаци ќе му биде партнер на Кими Раиконен во тимот на Заубер следната година, откако по подолга пауза Италија ќе има тркач во Ф1. 24-годишниот Џовинаци е дел од академијата на Ферари и оваа сезона беше трет возач во Заубер.
Оваа одлука значи дека Швеѓанецот Маркус Ериксон останува без место следната година, иако тимот потврди дека ќе биде трет возач на Алфа Ромео Заубер. Џовинаци зад себе има две Ф1 трки со Заубер во 2017 година како замена за тогаш повредениот Паскал Верлајн, додека во 2016 година се натпреваруваше во ГП2 шампионатот, завршувајќи втор зад шампионот Пјер Гасли (кој следната година ќе вози во Ред бул).
„Пресреќен сум што доаѓам во Заубер како тркач и ова е остварување на мојот сон. Како Италијанец, голема чест е да претставувам бренд како Алфа Ромео. Би сакал да им се заблагодарам на Ферари и на Заубер за оваа голема шанса“, вели Џовинаци, кој е првиот италијански возач во Ф1 по Витантонио Лиуци, кој замина на крајот на сезоната 2011 година.