Баерн Минхен се одвои четири поени на врвот на Бундеслигата откако го растури најблискиот ривал на титулата Борусија Дортмунд со 3:1 на нивниот „Сигнал Идуна Парк“ стадион пред 80 илјади домашни навивачи.
Јуп Хајнкес беше донесен во Баерн како „спасител“ по лошиот старт на сезоната со Карло Анчелоти, и 72-годишниот ветеран целосно успеа во тоа, откако нема пораз откако е седнат на „најжешкото“ тренерско столче во Германија. Импресивното шоу во Рур уште еднаш потврди дека Баварците се вистинските фаворити за титулата и покрај изненадувачки добриот старт на сезоната на Дортмунд.
Одличната игра на Баерн беше наградена со гол уште во 17. минута, кога ветеранот Арјен Робен уште еднаш ја „начна“ Борусија, постигнувајќи го својот 11 гол во 21 натпревар против најлутите ривали на „Баварците“ Робен исто така сега ја има честа да биде најдобар странски стрелец во Бундеслигата со дури 93 гола во германската елита.
Во 37. минута, Роберт Левандовски покажа дека е фудбалски мајстор со фантастичен гол со петица, за катастрофата на Борусија да биде заокружена во 67. минута, кога Давид Алаба постигна уште еден гол за гостите.
Утешен гол за фановите на Дортмунд, и тоа фантастичен постигна дефанзивецот Марк Бартра со одлично свртување во 87. минута од мечот.
За Дортмунд пак, по разочарувачките 1:1 во Лигата на шампионите против АПОЕЛ Никозија, ова е уште еден крајно лош резултат за тимот на холандскиот стратег Петер Бос, кој никако не успева да го прекине надолниот пат на „милионерите“ и прашање на време е кога неговото столче нема да биде стабилно.
Баерн има 26 поени на врвот на табелата, пред Лајпциг со 22, додека Борусија сега заостанува дури шест поени.