Џанлуиџи Буфон смета дека неговиот колега од Пари Сен-Жермен, Марко Верати е „единствениот талент во италијанскиот фудбал“ по мизерната 2018 година за „аѕурите“.
Италија не успеа да се квалификува за Светското првенство во Русија и првпат од 1958 година не оствари ниту една победа во натпреварувачки меч во календарска година во 2018. Роберто Манчини беше донесен како спасител на репрезентацијата која е во процес на реновирање и тој се обидува да најде вистински микс на младост и искуство, а играчот од средниот ред Верати треба да биде клучен фудбалер.
40-годишниот Буфон во интервју за „Газета дело спорт“ вели дека неговиот 25-годишен колега е вистински човек за такво нешто.
„Марко е неверојатен фудбалер и во моментов е единствениот вистински талент во италијанскиот фудбал во однос на тоа како игра, квалитетот на неговата проценка и визија на теренот. Кога игра со обични фудбалери може да страда бидејќи тие не го сфаќаат, но во ПСЖ има среќа што има фантастични клупски колеги кои веднаш сфаќаат каде оди топката и што сакаат да постигнат“, вели Буфон.
Буфон оваа сезона дојде во ПСЖ од Јувентус по 17 неверојатни години, но вели дека уште следи што се случува кај „бјанконерите“.
„Јуве се Јуве и во моментов се далеку пред другите во Италија, додека се меѓу топ 3 клубовите во Европа. Тие можат да бидат само пример за другите италијански клубови“, објаснува Буфон.