Помошникот на тренерот на Комо, Цеск Фабрегас, ги демантираше гласините дека англискиот напаѓач Џејми Варди би можел да потпише договор со новиот тим на италијанската Серија А.
Комо натпреварувањето во второлигашкиот караван го заврши на втората позиција со три бода помалку од Парма и заедно со „млекарите“ обезбедија пласман во елитното друштво. Комо последен пат дел од италијанската елитна дивизија беше пред 21 година.
„Варди не е мета на Комо за новата сезона. Ќе потпишеме играчи кои веруваат во нашиот проект и сакаат да играат овде. Ќе составиме конкурентен тим“, изјави поранешниот шпански репрезентативец.
Лестер се врати во Премиер лигата по една година во Чемпионшип, а Варди имаше одлична сезона.
37-годишниот фудбалер го носи дресот на „лисиците“ од 2012 година, а во сезоната 2023-24 одигра 37 натпревари во сите натпреварувања и постигна 20 гола со две асистенции.