Аталанта го победи Баер Леверкузен со 3:0 во финалето на Лига Европа во Даблин и со тоа стигна до својот прв европски трофеј во историјата.
Стрелец на сите три гола за тимот од Бергамо беше Нигериецот Адемола Лукман. Првиот гол го постигна во 12. минута, вториот во 26., а третиот во 76. минута.
Аталанта одигра совршен натпревар, најзаслужен за тоа е тренерот Џан Пјеро Гасперини кој во целост го надмудри младиот колега Чаби Алонсо.
„Мислам дека испишавме историја, но начинот на кој го освоивме трофејот е неверојатен. Ги повторивме изданијата од Ливерпул и Лисабон. Спортинг ја освои лигата, Ливерпул беше прв во Премиер лигата кога игравме таму, Баер Леверкузен доминираше во Бундеслигата”. рече Гасперини и продолжи:
„Ние често играме со тројца напаѓачи, моравме да одиме на победа во финалето. Моравме да бидеме офанзивни, немаше да биде доволно за победа доколку решевме да се браниме. Знаевме дека овие тимови се одлични кога напаѓаат, но не се толку добри кога ќе ги принудиш да се бранат. Сите мои играчи беа извонредни“.