Дерби мечот во Премиер лигата, помеѓу Челси и Ливерпул заврши без победник 1:1. Двата тима и по седум кола се уште немаат пораз.
Челси и Ливерпул, одиграа спектакуларен меч, пропуштија по неколку одлични шанси, а на крајот Даниел Стариџ со еврогол спаси бод за Ливерпул. Блескаа двајцата најскапи голмани во историјата на фудбалот Кепа Аризабалага и Алисон Бекер.
Кепа ги бранеше обидите на Слах и Фирмино, а во една ситуација по обидот на Бразилецот Давид Луиз интервенираше на гол линијата. На другата страна Алисон успеа да му одбрани чист зицер на Азар.
Челси имаше предност од 25.минута, кога Ковачиќ идеално го проигра Азар, а Белгиецот во свој стил го матираше Алисон. Азар со шест гола во моментов е прв стрелец во лигата.
Ливерпул израмни во претпоследната минута со спектакуларниот гол на поранешниот играч на Челси, Даниел Стариџ. Поранешниот англиски репрезентативец од 25 метри испрати вистинска бомба која заврши зад грбот на Кепа.
Ливерпул по седум кола има 19 бода, колку што има и Манчестер сити, а водечкиот двоец го следи Челси со два бода помалку.