Џорџ Расел, возачот на Мерцедес ја освои пол-позицијата пред трката за Големата награда на Канада. Помладиот од двајцата Британци во Мерцедес до пол-позицијата дојде со време 1:12.000 минути.
Расел на Мерцедес му ја донесе првата пол-позиција од јули минатата година, кога Луис Хамилтон стартуваше прв во Унгарија.
Првиот стартен ред го комплетира актуелниот шампион Макс Ферстапен, кој забележа идентично време како Расел, но Британецот прв го постави својот најбрз круг и затоа стартува на пол-позицијата.
Холанѓанецот е под истрага од дирекцијата на трката бидејќи направил прекршок и „ја игнорирал директивата на стјуардот“ во првиот дел од квалификациите.
Не е прецизирано за што се работи, а се сомнева дека се работи за прекршок што го направил Макс во желба што побрзо да излезе на патеката во втората квалификациска сесија.
Вториот ред на стартот им припадна на возачите на Мекларен, Ландо Норис и Оскар Пјастри. Ландо Норис беше за 0,021 секунда побавен од Расел и Ферстапен.
Зад Мекларен се Даниел Рикиардо во РБ болидот и двократниот шампион Фернандо Алонсо. Топ 10 го комплетираат седумкратниот шампион Луис Хамилтон, Јуки Цунода во вториот РБ, Ленс Строл за Астон Мартин и Алекс Албон од Вилијамс.
Во квалификациите целосно потфрлија возачите на Ферари и вториот возач на Ред Бул, Серхио Перез. Шарл Леклер и Карлос Саинц ќе стартуваат од шестиот ред, а Перез трката ќе ја започне од 16. позиција.
Трката за Големата награда на Канада, в недела ќе започне во 20 часот по средно-европско време.