Шпанските медиуми пренесуваат дека Чави Ернандез вчера бил виден во јавноста за прв пат откако доби отказ од Барселона. Тие наведуваат дека иако ќе паузира една година веќе размислува за нов ангажман и дека донел одлука каде ќе работи во иднина.
„Тој се уште не сака да зборува за Барселона и разделбата со клубот, а особено не сака да зборува за нејзиниот претседател Џоан Лапорта. Ќе ги искористи следните месеци да остане во кругот на семејството. Неговата следна работа треба да биде во англиската Премиер лига“, пишува каталонски „Спорт“.
Чави ја презеде Барселона на 6 ноември 2021 година и ги предводеше Каталонците на 141 натпревар пред да добие отказ на крајот на минатиот месец. Оствари 89 победи, 23 нерешени и 29 порази. Минатата година ја освои Ла Лига и домашниот Суперкуп, а оваа сезона заврши на второто место и беше елиминиран во четвртфиналето на Лигата на шампионите од ПСЖ.
На Чави му пресудија критиките кон клупските челници, односно коментирањето на финансиската состојба. Тој јавно кажа дека Барселона нема пари да се натпреварува со Реал и дека се неопходни засилувања за да се обиде, а ги потсети навивачите дека оваа Барса нема никаква врска со онаа од трофејното минато.