Top Sport

Тројца навивачи одат во затвор поради расистичко однесување кон Винисиус

Шпанија прв пат во историјата изрече затворски казни за расистичко однесување на фудбалските терени. Станува збор за тројца навивачи на Валенсија кои во мај 2023 година имаа расистички испад кон Винисиус Жуниор, бразилскиот напаѓач на Реал.

Тие се осудени на осум месеци затвор, а освен тоа добија забрана за влез на фудбалските стадиони во Шпанија на две години и ќе мора да ги сносат сите судски трошоци.

Винисиус идентификувал еден од сторителите, додека другите двајца биле фатени откако биле прегледани снимките од безбедносните камери на стадионот.

Му викале дека е мајмун и го имитирале споменатото животно. Првичната казна требаше да биде поголема, но беше намалена за една третина откако тие испратија формално писмо со извинување до Реал и Винисиус.

„Оваа пресуда е одлична вест за борбата против расизмот во Шпанија и испраќа јасна порака до луѓето кои одат на фудбалски натпревар со намера да навредат некого дека ќе бидат идентификувани од Ла Лига, пријавени и ќе бидат казнени за таквото однесување“, рече претседателот на Ла Лига, Хавиер Тебас.

Ла Лига пријави шеснаесет инциденти на расистичка злоупотреба против Винисиус до шпанските обвинители во текот на изминатите две сезони.

Scroll to Top