Роберто Баџо (57), еден од најдобрите италијански фудбалери на сите времиња и добитник на Златната топка во 1993 година, бил претепан, ограбен и затворен откако провалници упаднале во неговиот дом додека тој и неговото семејство го следеле натпреварот помеѓу Италија и Шпанија на Европското првенство.
Полицијата соопшти дека петмина маскирани и вооружени напаѓачи упаднале во вилата на Баџо во Алтавила Висентина. Баџо им се спротивстави и во пресметката бил повредени.
Локалните медиуми јавуваат дека тој подоцна завршил на шиење во болница.
Откако провалниците го совладале, Баџо и членовите на неговото семејство ги затвориле во плакар. Потоа им ги украле часовниците, накитот и другите вредни предмети. Баџо подоцна успеал да се ослободи и да повика полиција, која сега го истражува случајот.