Top Sport

Кошаркарите на Грција ја елиминираа Хрватска

Кошаркарите на Грција во финалето од квалификациите за Олимписките игри ја совладаа селекцијата на Хрватска со 80:69 и изборија учество на турнирот во Париз.

Грците ја оправдаа улогата на фаворити на квалификацискиот турнир во Пиреја и по пауза од 2008 година, од последниот настап на Олимписките игри во Пекинг, повторно ќе бидат дел од Игрите, овојпат во Париз.

Хрватска вторпат по ред ќе го пропушти олимпискиот турнир, последен пат играа во Рио де Женеиро во 2016 година и го освоија петтото место.

Грција на Олимпијадата ќе игра во групата А против Канада, Австралија и победникот од дуелот меѓу Шпанија и Бахамите.

На дуелот против Хрватска најефикасен беше Јанис Антетокоунмпо со 23 поени, а Јоргос Папаѓанис постигна 19 поени. Кај Хрватите се истакнаа Ивица Зубац и Дарио Шариќ кои забележаа дабл-дабл учинок. Зубац имаше 19 поени и 12 скока, а Шариќ 14 поени и 12 скока. Матео Дрежњак и Марио Хезоња постигнаа по 15 поени.

 

Scroll to Top