Top Sport

Саутгејт: Ова е најдобриот момент откако сум тренер, дојдовме тука да победиме!

Селекторот на фудбалската репрезентација на Англија, Герет Саутгејт изјави дека неговата репрезентација заслужено се пласираше во финалето на Европското првенство.

Фудбалерите на Англија во Дортмунд ја победија Холандија со 2:1 во полуфиналето на континенталниот шампионат. Ова е второ последователно финале на ЕП за Англија.

„Јасно е дека ова е моето најголемо достигнување, најдобриот момент откако сум тренер. Особено затоа што игравме добро. Моравме постојано да се прилагодуваме, Холандија направи многу тактички промени, па моравме и ние, особено во одбраната. Мислам дека им правевме големи проблеми во текот на целиот натпревар, а крајот беше посебен пример за тоа како треба да се жртвуваш за заеднички успех“, изјави Саутгејт.

Репрезентативниот стратег на Англија истакна дека имаат квалитетни фудбалери на сите позиции.

Најважно е сите играчи да бидат подготвени во секој момент да влезат на теренот и да дадат конкретен придонес. Воткинс и Палмер ни обезбедија дополнителна и поинаква енергија, додаде селекторот на Англија.

Фудбалерите на Англија в недела во финалето на Европското првенство ќе играат против Шпанија.

„Знаевме дека Холандија има квалитетен тим и во секој момент може да ве казнат, како што направија. Сепак, имаше многу време до крајот. Дојдовме овде за финалето, се подготвувавме за него две години, ќе имаме еден ден помалку да се одмориме од тимот кој досега беше најдобар на турнирот“, изјави Саутгејт.

 

Scroll to Top