Top Sport

(Видео) Може и без Меси, Аргентина ја одбрани титулата на Копа Америка

Лионел Меси го напушти финалниот меч во 66. минута поради повреда на скочниот зглоб, но Аргентина успеа да слави во финалето на Копа Америка и без него да ја одбрани титулата.

По продолженијата падна Колумбија со 1:0, а единствениот гол го постигна Лаутаро Мартинез во 112. минута.

Најдобриот стрелец на шампионатот Мартинез (пет гола) го матираше Камило Варгас со силен удар на асистенција на Ло Салесо, во контра напад на кој му претходеше грешка на Колумбијците.

Тој влезе во игра во 96. минута и стана најдобар стрелец на Копа Америка и покрај тоа што само двапати стартуваше на ова првенство.

Почетокот на натпреварот доцнеше 75 минути, откако голем број навивачи, од кои најголем дел беа без билет се обидоа да влезат на стадионот. Според снимките тоа беа навивачи на Колумбија.

Меси го повреди скочниот зглоб на крајот од првото полувреме по опасниот старт на неговиот ривал, но издржа до 66. минута.

Колумбија имаше шанси во првото полувреме, Емилијано Мартинез беше одличен со четири одбрани, но Аргентина се закани во второто, голот на Таљафико беше поништен поради офсајд, а Варгас го одбрани ударот на Нико Гонзалес во 95. минута.

На крајот, голот на Мартинез одлучи Аргентина да ја освои 16. Копа Америка и сега има еден трофеј повеќе од Уругвај. Од друга страна, Колумбија остана на една титула и воедно ја прекина серијата од 23 натпревари без пораз.

Scroll to Top