Шпанското правосудство на осум месеци затвор го осуди човекот кој на интернет испраќал расистички навреди до фудбалерите на Реал Мадрид, Винисиус Жуниор и Антонио Ридигер, објави шпанскиот клуб.
Реал наведува дека осудениот под неколку псевдоними покренал „расистички напади и навреди“ на форумот на весникот „Марка“.
„Судијата му изрече казна од осум месеци, како и 20 месеци забрана за учество на овој форум“, додаваат од клубот, наведувајќи дека осудениот нема да оди во затвор доколку ја следи „програмата за еднаквост и борба против дискриминацијата“.
Клубот од Мадрид потсети дека ова е втора кривична пресуда за расистички навреди упатени кон нивните играчи. Минатата година тројца навивачи на Валенсија беа осудени на по осум месеци поради упатени навреди кон Винисиус на натпреварот што го одиграа двата тима на „Местаља“.
Постапка се води и против четворица навивачи на Атлетико Мадрид, кои се обвинети дека минатата година на мост во Мадрид „закачиле“ кукла со ликот на Винисиус. Две години им е забранет влез на стадионите во Шпанија.