Што и да одлучи Рафаел Надал за својата кариерата, едно е сигурно, повеќе нема да го гледаме Олимписките игри. Тоа го истакна веднаш по елиминацијата во двојки, последно натпреварување во кое беше во Париз.
„За мене заврши еден циклус, сега треба да седнам да анализирам како се чувствувам и да одлучам што понатаму“, изјави Шпанецот кој по убедливиот пораз од Новак Ѓоковиќ во сингл, пред неколку дена, рече дека одлуката за евентуалната пензија ќе ја донсе кога ќе го заврши настапот на ОИ.
„Си одам дома и за неколку дена, со „ладна глава“, ќе одлучам што понатаму“.
Надал се надеваше на медал барем во двојки, особено што со него беше Карлос Алкараз, но во конкуренција на двојки често е поважна координацијата од индивидуалниот квалитет. Тоа го докажаа Американците Раџив Рам и Остин Крајичек кои веројатно полесно од очекувањата победија во четвртфиналето со 6:2, 6:4.
„Во сингл немав квалитет да се борам за медал, а во двојки одигравме на добро ниво, но тоа не беше доволно. Не почнавме добро и не можевме да надоместиме. Нема потреба од дополнителни анализи, едноставно не бевме доволно добри. Единствено што сега ќе анализирам е кој авион ќе се вратам дома“, низ шега кажа легендарниот Шпанец кој освои два златни медали, во 2008 година во Пекинг во сингл и во 2016 година во Рио де Жанеиро во двојки.