Top Sport

(Видео) Емотивна прес конференција – Луис Суарез во петок последен пат ќе игра за Уругвај

Луис Суарез својот последен натпревар за Уругвај ќе го одигра в петок против Парагвај. Напаѓачот ова го потврди на емотивна прес-конференција во Монтевидео.

Суарез од националниот тим се повлекува како играч кој постигнал најмногу голови за Уругвај (69) и е втор според бројот на настапи. Само Диего Годин има повеќе настапи од Суарез за Уругвај(142, Годин 161).

Еден од најдобрите напаѓачи во овој век, стрелец на повеќе од 500 гола (Барселона 195, Ајакс 111, Ливерпул 82, Атлетико Мадрид 34…), за четири месеци полни 38 години, а договорот со Интер Мајами му истекува на крајот на додината.

„Тешко ми е, но ова морам да го кажам. Ова ќе биде мојот последен натпревар за Уругвај. Долго време размислував и анализирав. Ова е вистинскиот момент. Имам свои причини, не тешко е, навистина ми е многу тешко. Последниот натпревар ќе го одиграм со истиот ентузијазам, со кој го одиграв и првиот меч во 2007 година, со ентузијазам на 19-годишното момче. Ќе дадам се од себе. Имам 37 години, тешко дека ќе играм на следното Светско првенство“, рече Суарез, обидувајќи се да ги задржи солзите.

Суарез играше на четири светски првенства со Уругвај (2010, 2014, 2018, 2022), а во 2011 година со репрезентацијата ја освои Копа Америка.

Во тековната сезона тој постигна 16 гола со пет асистенции на 20 натпревари за Интер Мајами во МЛС лигата.

Scroll to Top