Top Sport

Штутгарт остана без тренер: Коркут прва „жртва“ во Бундеслигата

Штутгарт го отпуштија тренерот Тајфун Коркут, помалку од 24 часа откако тимот загуби со 3:1 од Хановер оставајќи го тимот на последното место на табелата со само пет поени по седум кола во Бундеслигата.

Поранешниот турски интернационалец дојде во Штутгарт во јануари, кога клубот се бореше за опстанок во лигата, и ги предводеше до импресивно седмо место, по што договорот му беше продолжен до 2020 година. Но, сезоната повторно беше стартувана ужасно, со само една победа досега.

„Недостатокот на развој во текот на сезоната и негативните резултати не примораа за овој потег. Тајфун Коркут го презеде тимот лани во тешка ситуација и ни обезбеди неверојатна сезона. Му благодариме за тоа“, изјави спортскиот директор на клубот, Михаел Решке.

44-годишниот Коркут, кој е роден во Штутгарт, претходно беше тренер на Хановер, Кајзерслаутерн и Баер Леверкузен. Штутгарт објавија дека привремено клубот ќе го води тренерот на резервниот тим, Андреас Хинкел.

Фото: ЕПА

Scroll to Top