Фудбалерот на Вест Хем, Лукас Пакета изјави дека лажните информации што ги објавуваат медиумите за неговиот спор за обложување на натпревари го загрозуваат неговото право на фер сослушување.
Тој додава дека неговите адвокати ќе побараат од Фудбалската асоцијација на Англија (ФА) да спроведе истрага за ова прашање.
„Фрустриран сум и разочаран што прочитав погрешни и неточни написи во весник во врска со мојот случај. Некои од информациите се целосно лажни и се чини дека се дизајнирани да ја поткопаат мојата позиција. Личност блиска до случајот медиумите ја користат како извор за овие неточни информации. Процесот со ФА треба да биде целосно доверлив. Процесот е многу сериозен за мене и за моето семејство“, објави Пакета на социјалната мрежа Инстаграм.
Истрагата за обложувањето на Пакета беше покрената на 18 август минатата година, а на 23 мај оваа година тој беше обвинет дека ги прекршил правилата на ФА на натпреварите против Лестер, Астон Вила, Лидс и Бурнмаут, бидејќи со намера добивал жолт картон за да заработи преку обложување.
„Постојаното протекување и објавување на неточни информации во медиумите ме става во ризик да немам фер сослушување. Затоа им кажав на моите адвокати да побараат од ФА да спроведе темелна истрага за тоа како информациите за случајот, дури и ако се неточни се појавуваат во јавноста Продолжувам да ги отфрлам обвинувањата против мене и со нетрпение очекувам да ја докажам мојата невиност“, додаде Пакета.
Пакета (27) за Вест Хем одигра 93 натпревари и постигна 15 гола, додека за бразилската репрезентација забележа 53 настапи и 11 гола.