Top Sport

Незадоволство во Англија: Интер победи од непостоечки пенал

Интер синоќа во дербито на колото во Лигата на шампионите го победи Арсенал со 1:0.

Единствениот гол беше постигнат во третата минута од судиското надополнување во првото полувреме кога Хакан Чалханоглу погоди од белата точка.

Многумина, особено во Англија се на мислење дека дискутабилен е пеналот за Интер. Главниот судија Иштван Ковач покажа пенал откако Микел Мерино играше со рака во својот шеснаесетник.

Мет Апсон, поранешен играч на Арсенал, а сега стручен коментатор на Би-Би-Си, истакна: „Не можам да разберам како е ова пенал! Раката на Микел Мерино е во совршено природна положба. Топката го допира стапалото на Мехди Тареми, кој е на два метри од него, во Премиер лигата за ова не се суди пенал“.

Друг поранешен играч на Арсенал, Мартин Киун, смета дека немало пенал.

„Дали неговата рака е во неприродна положба? Не знам кој може да го одреди ова… Фудбалот е уништен“, рече тој на ТНТ Спортс, а Али Мекоист го дополни:

„Правилата треба да се сменат, зборот „намерно“ треба да се појави во правилото. Ова не беше намерно“.

„Штета е што различни натпреварувања користат различни правила“, изјави поранешниот дефанзивец на Манчестер јунајтед, Рио Фердинанд.

Scroll to Top