Top Sport

(Видео) Италија и Франција обезбедија четвртфинале во Лигата на нации

Италија и Франција си обезбедија место во четвртфиналето, во А дивизијата во Лигата на нации. Во групата 2, во претпоследното коло Италија во Брисел ја победи Белгија, а Франција ремизираше со Израел.

Италија на гостувањето во Белгија победи со голот на Сандро Тонали во 11. минута од натпреварот. Во манир на напаѓач, Тонали беше на вистинското место во вистинско време кога одбиената топка од непосредна близина ја смести во празениот гол.

Во истата група Франција во Париз одигра без голови со Израел. Ова е прв бод за Израел во овој циклус, во Лигата на нации. Извесно е дека Израел ќе се врати во Б дивизијата.

Французите и на овој натпревар играа без Килијан Мбапе. Во Франција се уште се шпекулира за причините зошто напаѓачот на Реал го нема во националниот тим.

Мбапе моментално е под истрага за наводно силување, а наводно е во конфликт и со селекторот Дидие Дешамп.

Натпреварот против Израел го следеа само околу 15 илјади навивачи на „Стад де Франс“, кој има капацитет од 80 илјади седишта.

Причина е бојкотот на голем дел од навивачите во Франција во знак на протест против израелската војна во Газа. Овој натпревар беше проследен со засилени безбедносни мерки поради ризикот од конфликт меѓу израелските навивачи и локалното муслиманско население.

Во следното коло, в недела на 17 ноември, Италија на „Сан Сиро“ ќе ја пречека Франција во меч кој ќе го реши победникот во групата.

Scroll to Top