Top Sport

Дејан Савиќ ја презеде ватерполо селекцијата на Црна Гора

Познатиот српски ватерполист и тренер Дејан Савиќ е новиот селектор на ватерполо репрезентацијата на Црна Гора.

Информацијата официјално ја потврдија од ватерполо сојузот на Црна Гора, а набрзо тоа го направи и Савиќ.

„Савиќ е обврзан со договор со клуб од Саудиска Арабија, а при нашите разговори веднаш ги извести челниците на клубот дека има голема желба да ја преземе репрезентацијата на Црна Гора. Поради коректна соработка, договорено е и прифатено Савиќ да биде ангажиран и во клубот и во нашата селекција до јуни, а од јуни следната година ќе започне нашата целосна соработка до крајот на олимпискиот циклус“, соопштија од Ватерполо сојузот на Црна Гора.

Савиќ играч настапуваше за Партизан, Барселона, Барселонета, Флоренсија, Про Реко, Синтеза Казан и Црвена звезда.

Како ватерполист го освои Купот на победниците на куповите со Партизан во 1990 година. Суперкупот на Европа една година подоцна и ЛЕН Купот во 1998 година. Подоцна истите успеси ги повтори со Про Реко и Синтеза, а со националниот тим беше светски шампион во 2005 година и европски првак во 2001, 2003 година и во 2006 година.

Потоа како тренер во три наврати ја предводеше Црвена звездам со белградскиот клуб беше шампион на Европа во 2013 година.

Сепак, најмногу трофеи освои со репрезентацијата на Србија со кои беше двократен олимписки шампион (Рио 2016 и Токио 2021), светски шампион во 2015 година и европски шампион во 2014, 2016 и 2018 година.

Тој ја освои Светската лига во 2014 и 2015 година, како и Светскиот куп во 2014 година.

Scroll to Top