Top Sport

Аморин: Успеавме да подобриме некои работи

Тренерот на Манчестер јунајтед, Рубен Аморим изјави дека навивачите на англискиот клуб добро го прифатиле и го пречекале во дебитантскиот натпревар на „Олд Трафорд“.

Фудбалерите на Манчестер јунајтед, во четвртокот го победија Боде/Глимт со 3:2, во петтото коло од Лигата на Европа и тоа беше првиот натпревар во кој Аморим го предводеше клубот на домашен терен.

„Беше навистина посебно, навивачите ме прифатија и убаво ме пречекаа, иако се уште не сум направил ништо за овој клуб. Сега сум еден од нив и ќе дадам се од себе да не ги разочарам“, изјави Аморим.

Тој изјави дека тимот имал добра контрола на играта, но и дека можеле порано да го решат натпреварот.

„Подобривме различни работи од минатиот натпревар, знам дека тоа е различно натпреварување и друг тим, но ние се подобруваме, создаваме повеќе шанси“.

Аморим смета дека напаѓачот на Манчестер, Расмус Хајлунд завршил одлична работа. Данецот постигна два гола и забележа асистенција против Боде/Глимт.

„Беше агресивен, добро се движеше. Има сегменти во кои се уште може да се подобри“, изјави Аморим.

Фудбалерите на Манчестер јунајтед во недела ќе го пречекаат Евертон во натпреварот од 13. коло на Премиер лигата.

Scroll to Top