Top Sport

Еклстоун ја продава колекцијата од легендарни автомобили вредна стотици милиони долари

Поранешниот прв човек на Формула 1, Берни Еклстоун, одлучи да ја продаде својата колекција на автомобили, која ги вклучува и оние што ги возеле Михаел Шумахер, Ники Лауда и Нелсон Пике.

Еклстоун, кој ја водеше Формула 1 речиси четири децении, до 2017 година, собра колекција од 69 култни болиди кои беа дел од шампионатот повеќе од половина век. Колекцијата вклучува модели на Ферари управувани од Шумахер, Лауда и Мајк Хоторн, како и автомобили на Бребам кои ги возеле Пике и Карлос Пасе, меѓу другите.

„Сите автомобили што ги купив низ годините имаат фантастична историја и се ретки уметнички дела“, изјави 94-годишниот Еклстоун.

Меѓу моделите за продажба е Venvol VW10 на Стирлинг Мос, првиот британски болид кој победил на трка во Формула 1 и го освоил шампионатото на конструктори во 1958 година.

„Ги сакам сите мои автомобили, но дојде време да размислам што ќе се случи со нив кога веќе нема да бидам жив, и затоа решив да ги продадам. После толку време собирање и складирање, би сакал да знам каде ќе завршат, а не да и ги оставам на сопругата да се занимава со тоа“, изјави Еклстоун.

Многу од автомобилите во колекцијата чинат неколку десетици милиони долари, а таа целата се проценува на стотици милиони, особено поради фактот што содржи историја долга седум децении.

Еклстоун е во Формула 1 од шеесетите години на минатиот век. Прво беше менаџер на возачите, меѓу другите и на Јохен Ринт, потоа беше сопственик на Бребам, а во средината на деведесеттите стана сопственик на комерцијалните права. Под негово водство, Формула 1 стана еден од најгледаните спортови во светот.

Scroll to Top