Top Sport

Расел: Ферстапен ми рече дека ќе ми ја скрши главата од ѕид

„Војната“ меѓу Макс Ферстапен и Џорџ Расел, која започна на трката за Големата награда на Катар минатата недела, продолжува.

Холанѓанецот во Катар изјави дека ја изгубил секаква почит кон Расел, бидејќи им се пожалил на стјуардите дека го успорува подготвувајќи се за брз круг. Како резултат на тоа, Ферстапен ја загуби пол-позицијата и мораше да стартува зад Расел во Катар.

Сепак, тоа не го спречи да оствари убедлива победа во Доха. И кога се очекуваше страстите да се смират, Расел се огласи пред трката во Абу Даби.

„Ја слушнавте само неговата страна од приказната. Во саботата по квалификациите ми кажа дека намерно ќе излезе од патот и дека ќе ми ја скрши главата од ѕид. Нема да молчам за такви работи. Никој не ги доведува во прашање неговите возачки квалитети. Сепак, очигледно е дека не може да се справи со некои работи“, изјави Расел.

Британецот истакна дека Ферстапен со години ги малтретира возачите во Формула 1.

„Тој мисли дека сè треба секогаш да биде по него. Гледате како се однесува со луѓето во Ред Бул. Доминираше со години. Веднаш штом дојде лошиот период ги обвини луѓето од тимот дека не ја завршиле добро работата. Тој не цени никого освен себеси. Тој е одличен возач, но не може да оди наоколу зборувајќи и да очекува од мене да молчам“, изјави Расел.

Тркачкиот викенд во Абу Даби започнува во петок, а во недела ќе се вози последната трка сезонава во Формула 1.

Scroll to Top