Top Sport

Вест Хем: Антонио е во стабилна состојба

Фудбалерот на Вест Хем, Мајкл Антонио, кој имаше тешка сообраќајна несреќа е во стабилна состојба.

Информацијата за несреќата ја потврди и клубот кој потоа ја објави здравствената состојба на напаѓачот.

„Вест Хем може да потврди дека Мајкл Антонио е во стабилна состојба по сообраќајната несреќа попладнево во областа Есекс. Во овој тежок момент, љубезно бараме од сите да ја почитуваат приватноста на Мајкл и неговото семејство. Клубот нема да дава дополнителни коментари вечерва, но во догледно време ќе објави дополнителни вести“, соопштија од клубот.

Пред официјалните детали кои ги објави клубот, на социјалните мрежи се појавија фотографии од искршеното Ферари кое наводно го возел фудбалерот.

Медиумите од островот потсетуваат дека ова не е прва сообраќајна несреќа на репрезентативецот на Јамајка по пристигнувањето во Лондон. На Божиќ 2019 година, тој го уништи Ламборџинито пред дворот на семејната куќа во Белхам, во јужниот дел на британската престолнина.

Антонио игра за Вест Хем од 2015 година, одигра 322 натпревари за клубот од источен Лондон и постигна 83 гола. Оваа сезона, еден на 13 натпревари.

Scroll to Top