Top Sport

Мартин доби отказ по катастрофата од Тотенхем

Челниците на Саутемптон го отпуштија менаџерот Расел Мартин по синоќешниот дебакл на домашен терен од Тотенхем. На „Сент Мери“, гостите од Лондон славеа со 5:0. Сите голови ги постигнаа во првото полувреме.

„Светците“ имаат само една победа, во досегашните 16 натпревари, забележаа 13 порази и две нерешени и се убедливо последени со само пет бода.

Расел Мартин има 38 години и важи за еден од најперспективните британски тренери. Тој пристигна во Саутемптон на почетокот на минатата сезона од Свонси и успеа да ги врати „светците“ во Премиер лигата откако го совлада Лидс во плеј-офот.

Сепак, оваа сезона неговиот тим бележи катастрофални резултати во елитната лига.

Единствената победа на шкотскиот менаџер во Премиер лигата беше против Евертон минатиот месец.

Тимот привремено ќе го води Симон Раск, тренер на младинската екипа на Саутемптон (до 21 година), додека не се најде трајно решение.

Неговиот прв натпревар ќе биде четвртфиналето на Лига купот против Ливерпул во среда.

Инаку, Мартин е четвртиот менаџер од Премиер лигата кој доби отказ оваа сезона по Стив Купер во Лестер, Ерик тен Хег во Манчестер јунајтед и Гери О’Нил во Вулверхемптон.

Scroll to Top