Top Sport

Објавен нов план за европската Суперлига

Проектот за европска Суперлига е рестартиран, но овој пат под името „Unify League“.

Според новите информации, изменетата Суперлига би имала четири нивоа на натпреварување, пренесува англискиот новинар Бен Џејкобс

Поминаа три години откако првичната идеја за Суперлигата експресно згасна по само 48 часа и лавина негативни реакции од јавноста и навивачите.

Сега промоторите на лигата, компанијата А22, се вратија со нов концепт на натпреварувањето. Новиот формат предлага 96 тимови кои ќе се натпреваруваат во четири меѓусебно поврзани групи, а пласманот ќе треба да се заслужи со резултатите, односно нема да има автоматско вклучување.

На највисоко ниво, поточно во првата лига, која би се викала Ѕвездена лига, би играле 16 клубови поделени во две групи од по осум, кои би играле натпревари на домашен и на гостински терен.

Идентична структура би имало и второто ниво, односно Златната лига со уште 16 екипи. Најдобрите четири екипи во секоја група од Ѕвездената лига потоа ќе се пласираат во четвртфиналето.

Натпреварувањето би кулминирало со „фајнал-фор“ каде што едно полуфинале и финале со еден натпревар би го одредиле шампионот.

Во двете пониски лиги, Сината и Заедничката, би имало четири групи од по осум клуба.

Премиерлигата би имала три загарантирани учесници во првата лига, две места во втората и до пет дополнителни места во останатите.

За разлика од првиот, многу критикуван концепт на Суперлигата, во кој загарантирано место имаа 12-те клубови основачи, во овој сите места ќе се заработат преку настапи во домашните првенства.

Победниците на Ѕвездената и Златната лига, кои ќе бидат познати по плеј-офот, во наредната сезона би имале загарантирани места во елитното ниво. Лигашката фаза треба да трае од септември до април.

Земајќи ги во предвид нокаут-фазите, победниците би одиграле вкупно 18 натпревари, со сличен формат за двете пониски лиги.

Scroll to Top