Top Sport

Мбапе би можел да заигра во вечерашното финале против Пачука

Реал Мадрид, вечерва од 18 часот во Доха ќе игра против мексиканската Пачука во финалето на Интерконтиненталниот куп.

Тренерот на Реал Мадрид, Карло Анчелоти откри дека Килијан Мбапе би можел да биде во тимот против Пачука.

„Килијан тренираше вчера и се чувствуваше добро. Ќе види како ќе се чувствува. Ако се чувствува добро, ќе игра, но ако постои некаков ризик, нема да игра. Сè изгледаше добро вчера и ние сме оптимисти“, изјави Анчелоти во Доха.

Мбапе се опоравува од повредата на бутниот мускул на левата нога, поради која го пропушти натпреварот против Рајо Ваљекано (3:3) во шпанската лига.

Реал Мадрид е во финалето и покрај тоа што не одигра ниту еден натпревар, бидејќи е привилегиран како европски шампион, а Пачука на патот до фиалето ги победи Ал Ахли и Ботафого.

Анчелоти нема да може да смета на повредените Дани Карвахал, Едер Милитао, Давид Алаба и Ферланд Менди, па повика неколку играчи од младинскиот тим, а на голот најверојатно ќе биде Тибо Куртоа.

Реал Мадрид го освои Интерконтиненталниот куп три пати во 1960, 1998 и 2002 година, пред Меѓународната фудбалска федерација (ФИФА) да го смени форматот и натпреварувањето да го нарече Светското клупско првенство, кое „кралскиот клуб“ го освои во 2014, 2016, 2017, 2018 и 2022 година.

Пачука заврши на третото место на Светското клупско првенство во 2017 година.

Scroll to Top