Фудбалерите на Ливерпул го совладаа Тотенхем со 6:3 на гостински терен во 17. коло од Премиер лигата.
На тој начин Ливерпул ја прекина серијата од два меча без победа во Премиер лигата и го искористи неуспехот на Челзи против Евертон и со натпревар понмалку стекна четири бода предност над „сините“.
Тотенхем доживеа дебакл, прими вкупно девет гола од Ливерпул во последните два меча (4:9).
Луис Дијаз го отвори резултатот во 23. минута, кога погоди по асистенција на Александар-Арнолд.
Само 13 минути подоцна на семафорот стоеше 2:0, а стрелец беше Мекалистер. Сепак, тоа не беше крајот на шоуто во првото полувреме.
Во 41. минута Медисон ја намали негативата, но во првата минута од судиското надополнување Собослаи зголеми на 3:1.
Иако се чинеше дека Спарс нема да можат полошо од првите 45 минути, Ливерпул продолжи да доминира и да создава шанси по шанса.
Мо Салах стапи на сцена со два гола во 54. и 61. минута.
Кулушевски во 72. минута, па Соланке во 83. минута, погодија и одеднаш Тотенхем имаше„само“ два гола негатива. Сепак, надежите на домашните навивачи брзо повторно беа уништени.
Дијаз ја запечати судбината на избраникот Анже Постекоглу со својот втор гол во 85. минута.
„Црвените“ сега ќе го пречекаат Лестер на домашен терен на 26 декември, додека Тотенхем истиот ден ќе гостува во Нотингем.