Нико Ковач (53) во текот на денот официјално ќе биде преставен како тренер на Борусија Дортмунд. Трансфер гуруто, Фабрицио Романо објави дека хрватскиот тренер потпишал договор со „милионерите“.
Најсигурниот извор од пазарот додава дека директорот на Борусија Ларс Рикен изјавил дека се е договорено со Ковач и дека новиот тренер ќе го предводи тимот в сабота, на првенствениот натпревар против Хајденхајм.
По завршувањето на фудбалската кариера, Ковач ја предводеше хрватската младинска и сениорска репрезентација. Во клупскиот фудбал влезе во 2016 година како тренер на Ајнтрахт Франкфурт, кој го водеше до 2018 година. Го освои Купот на Германија. Летото таа година стана тренер на најтрофејниот германски клуб. Во сезоната 2018/2019 со Баерн ја освои германската двојна круна во 2018/19 година. Иронично доби отказ откако доживеа дебакл од својот поранешен тим Ајнтрахт.
Се пресели во Монако, каде се задржа две години. Потоа Ковач се врати во Германија како тренер на Волфсбург, на чија клупа седеше од мај 2022 година до март минатата година. Оттогаш е невработен.
Во Дортмунд го чека тешка ситуација. Тимот кој минатата сезона играше во финалето на Лигата на шампионите по 19. коло е а 11. место во Бундеслигата, со 22 бода помалку од лидерот Баерн. Зоната на Лигата на шампионите е на шест бода. Затоа претходниот тренер Нури Шахин доби отказ.